#1: Основни претпоставки при
раѓање на еден стартап
Ова е првиот дел од 10 неделниот курс во кој целта е да ги увидиш недостатоците на традиционалниот начин на започнување и водење на бизнис.
Што е она што може да му помогне на твојот бизниа да успее?
Насочување на истиот на единствениот пат кон успехот.
А, кој е одговорен за тоа насочување на единствениот пат кон успехот?
Ти. Нормално, доколку си претприемач.
Ти си тој кој ја превземаш одговорноста за успехот на твојот бизнис. Не твоите потрошувачи. Не твоите конкуренти. Не владата. Не политичка партија.
Кога веќе знаеш дека одговорноста е кај тебе, дека клучот за успехот е кај тебе, што треба да направиш за да твојот бизнис да биде успешен? Ова е прашање кое секој претприемач си го поставува постојано во својата претприемничка кариера.
Но, исто така тоа е прашање кое постојано ни го поставуваат претприемачите од различен „калибар“. На пример прашањата во стилот:
- Имам одлични производи, со најниски цени, со супер квалитет, но сепак продажбата е слаба. Што треба да правам? Инвестирав голема сума на пари во тие производи (дали за производство или пак за набавка). Како да ја зголемам продажбата?
- Имам одлична бизнис идеја и ќе започнам бизнис. Но, не сум сигурен дали ќе оди продажбата. Што треба да направам за да тргне?
- Имам бизнис идеја, направив бизнис план (онака по книгите или ми ја направи тој и тој или таа и таа компанија) со одлични графици и таму стоеше дека ќе имам продажба од толку и толку но всушност денес таа продажба е пониска и се останато не може да се спроведе по планот. Дали повторно да го викнам консултантот да ми го преработи планот? Што да направам да ги приближам бројките од релноста со планот?
Ова се само дел од прашањата кои над 90% од стартап претприемачи си ги поставуваат и кои едноставно може да се преформулираат во следново прашање:
Како мојот бизнис да го ставам во вистинската насока која води на вистинскиот пат кон успешноста?
Во овој материјал ќе одиме од обратната насока, од она што во моментов го правиш за твојот стартап бизнис.
Првин сакам да потенцирам едно нешто, а тоа е значењето на зборот стартап. Стартап најчесто се мисли за бизнис кој е во фаза на започнување, од бизнис идеја, реализација и опстојување во првите години. Стартап не мора да биде правен субјект бидејќи стартап е твојата бизнис идеја на која работиш, производ или услуга кои ги дизајнираш, анализите и истражувањата кои ги спроведуваш.
Од друга страна, стартап се користи и во големи корпорации, влади и во веќе започнати мали бизнис. Стартап е кога дизајнираш нова услуга или нов производ како еден менаџер во една поголема организација. Стартап е ког владата донесува одлука во склоп на едно министерство да функционира некоја нова агенција. Стартап е кога како претприемач започнуваш нов бизнис или работиш на нов проект во веќе постоечки бизнис што може да биде нов производ или пак услуга или пак проширување на пазарот.
Во бизнис светот стартап е креација на нешто ново, на нешто засега непостоечко, на нешто што креира вредност, но во услови на голема неизвесност за иднината на тоа нешто.
Како се раѓа еден стартап?
Да започнеме со она како се раѓа еден стартап кој може да биде нов бизнис, нов производ или услуга, ново одделение, нов сектор, нова владина агенција…
- Бизнис идеја. Се започнува со бизнис идејата. Тука се зборува за креативност, бреинстормирање, бреинсторминг сесии, состаноци… Тука се зборува за пореба на пазарот, можности, предизвици, проблеми на потенцијални потрошувачи… И оваа е точно. Без идеја за нешто ново, нема платформа за работа, ни нема ниту стартап.
- Бизнис модел. Една бизнис идеја резултира во бизнис модел. Иако многупати се заборава (што е случај и во научната литература) при креирање на стартапи сепак претставува значајна алка за понатамошниот развој на стартапот бидејќи во еден бизнис модел се дефинирани основните претпоставки и основните врски врз база на кој ќе продолжи градењето на тој стартап. И ова е точен и потребен чекор во градење на еден стартап.
- Стратегија. Имаме бизнис идеја, имаме бизнис модел на „салфетка“ сега треба да направиме стратегија која ќе одговори на прашањето како ќе стигнеме до исполнување на нашата визија со помош на таа бизнис идеја и со помош на тој бизнис модел.
- Бизнис план. Како трет чекор е креирање на бизнис планот која бара седнување на столот и пишување, малку анализа и барање на статистички податоци, малку „шминка“ и готово. Отвори прирачник за бизнис план (линкот е еден понетрадиционален прирачник), оди точка по точка, препиши од овде одонде и еве бизнис планот е готов. Или пак најди темплејт и смени ги бројките и бизнис планот е готов. Понекогаш е полесно и да се најми некој за да ти го направи бизнис планот. Некои пак зборуваат за дозволиви и недозволиви работи во еден бизнис план. Значи треба да следиш правилник, упатства, можеби и закони ќе бидат донесени за подготовка на еден бизнис план :lol:. (Напомена: ова е само традиционален начин, не прифаќајте го она што тука го наведувам). И навистина бизнис планот е силен двигател на еден стартап, кој влијае колку толку да се намали неизвесноста. Но, сепак потребно е многу повеќе од еден таков бизнис план, бидејќи по дефиниција стартап функционира во услови на голема неизвесност.
- Маркетинг план. Дали како дел од бизнис планот или пак како посебен дел маркетинг планот е важен чекор од еден стартап циклус. Па така, во оваа фаза се истражува пазарот, се бараат некои потврди на основните хипотези и претпоставки во бизнис моделот, се анализираат потрошувачите, се анализираат прашалници, се бараат статистики… И сето тоа се склопува во еден многу убаво дизајниран маркетинг план со графици во боја.
- Развој на производот или услугата. Од анализите и истражувањата од маркетинг планот од претходната фаза се започнува со развој на производот или услугата. Нели маркетинг планот одговори на прашањата што сакаат потенцијалните купувачи. Тука доаѓаат до израз инженерските вештини, твои или на твојот стартап тим. Кога ќе се стигне до ниво во кое производот или услугата кои се развиваат се во согласност со потребите на потенцијалните потрошувачи од претходната фаза се завршува оваа фаза и се оди во наредната – производство. (Оваа фаза во зависност од видот на бизнисот може да биде и пред бизнис планот, но сепак нема некое стандардно место).
- Производство. Бидејќи се оди како „подмачкано“ сега можеме да произведеме толку и толку парчиња во согласност со предвидувањата на продажбата од бизнис планот. Во оваа фаза доаѓа до онаа пробно производство, контрола на квалитет, стандарди, монтажа…
- Продажба. Еднаш некој ми напиша дека доста беше учење, мора да се излезе и да се продава. Точно. Продажбата е единствента фаза која на некој начин ги исплаќа напорите од сите претходни фази. Но, да се каже доста беше учење во бизнис тоа е едно вистинско промашување за еден претприемач.
Како толку едноставен процес може да не даде резулати?
Како што забележуваш еден таков процес произлегува од бизнис книги базирани во 1980-тите и 1990-тите години на минатиот век. Тогаш беа хит книгите за маркетинг микс, за бизнис план, за стратегии, за менаџмент… Но, светот се промени. Се променија и условите во кои функционира еден стартап. Се променија пазарите. Се променија потрошувачите.
Едноставно еден ваков модел веќе не функционира. Не дава резултати. Или ќе даде резултати само за оние со подлабок џеб. Дали стартапите имаат длабок џеб?
Иако во наредните делови од овој курс ќе навлеземе подетално во некои од овие причини зошто овој модел не функционира сепак да наброиме нешто како причина:
- По дефиниција стартап е нешто ново што функционира во екстремно неизвесна средина и се она што го наведовме како некои фази можат само малку да помогнат во предвидување на неизвесноста, но не и да ја елиминираат, не гарантираат успех.
- Секој стартап има потреба од купувачи. Купувачите се тие кои на одреден начин одлучуваат дали некој ќе преживее или не. Иако во горните фази имаме истражување на пазар каде се вршат анализи на потреби и желби, сепак денешните потрошувачи кои живеат во свет кој се менува секоја секунда воопшто не знаат кои се нивните вистински потреби. Ти како претприемач со твојот стартап ги креираш, а дали се вистинските, моделот од погоре не ти дава одговор.
- Бизнис план е одлично средство за намалување на неизвесноста, но се базира на претпоставки за иднина и историски податоци. Најчесто за да се скратат маките претпоставките се базираат на историски податоци. Минатата година продажбата била толку и толку, за оваа година ќе предвидиме + толку % или – толку %. Многу погрешно и кобно за стартап бизниси особено што денешните промени се со преголем интензитет за да се базираме на нешто од вчера.
- Нема повратни врски, циклуси или контролни точки кои ќе внесат еден процес на континуирано подобрување. Врз база на претпоставките се започнува со производство и продажба. А, што ако претпоставките се погрешни? Што ако поставените хипотези во бизнис моделот се погрешни?
- Не обезбедува континуирано учење од грешки, без да се направат „кобни“ преголеми грешки. За стартап кобните грешки значат смрт, запирање, непостоење, катастрофа…
Ова се само дел од проблемите кои доведуваат до неуспех на повеќето стартапи. Во наредните недели ќе навлеземе подлабоко токму во овие проблеми.
Твое мислење…
Што мислиш за овие основни претпоставки? Си ги поминал ли за тебе и за твојот бизнис?
Имаш ли некој посебен проблем за кој ти треба решение, насока совет?
Тука сме за тебе и да ти помогнеме да го пронајдеш и цврсто застанеш на вистнскиот пат. Слободно контактирај не за да подготвиме уникатен предлог за тебе, тоа е бесплатно.
Дојди до целиот серијал…
Доколку си пристигнал до оваа стране преку споделување на линк од твој пријател или преку социјални медиуми, зошто да не го добиеш целиот серијал. Тој е бесплатен и се однесува за сериозни претприемачи без разлика дали се во фаза на започнување на бизнис или пак веќе водат сопствен бизнис.
Не пропуштај го целиот серијал, ќе има многу бонус едукации, е-книга за човечки потреби и желби и многу изненадувања во иднина.
Едноставно во формата подолу (делот: Што можам да направам?) доволно е да го внесеш твојот email и се наоѓаш на вистинскиот пат.